Информација за донесени уредби и одлука на Владата на РСМ
Известување за владини уредби:
На оваа, 26-та седница, Владата донесе Уредба со законска сила за примената на Законот за стечај за време на вонредна состојба.
Според оваа уредба, за поведување на стечајна постапка и поведување на претходна постапка, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
На стечајните должници кои ги исполнуваат условите за отворање на стечајна постапка или поведување на претходна постапка, нема да се отвораат стечајни постапки и да се поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба.
Сите започнати постапки, како претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајната постапка над стечајниот должник, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.
Владата донесе одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за одредени стоки – потрошен медицински материјал согласно Задолжението број 15 од Петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб, одржан на 20 март 2020 година и Задолжението број 13 од Шестиот состанок на Главниот координативен кризен штаб, одржан на 21 март 2020 година, а во врска со ослободување на царинските давачки за сите медицински помагала и потрошниот медицински материјал кој се увезува во Република Северна Македонија.
Одлуката има за цел да се надминат евентуалните негативни последици, т.е. нарушувања на пазарот во земјата, во однос на снабденоста со овие стоки, како резултат на прогласената пандемија на Коронавирусот COVID-19 од страна на Светската здравствена организација и преземените рестриктивни мерки од страна на одделни земји во вид на ограничување на извозот на овие производи.
На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Според оваа Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 70 од 19.03.2020 година), во членот 1 на оваа одлука по зборовите “и дезифекциони средства ”се дополнува со зборовите “потрошен медицински материјал и медицинска опрема и апарати”.
По ставот 2 на овој член се додава нов став 3, кој гласи: “По исклучок од ставот 2 на овој член, за производите чија увозна цена е повисока од највисоката цена што се применувала на 11 март 2020 година, треба да се користи трговската маржа утврдена до 11 март 2020 година”.
Во членот 2 на оваа одлука зборовите “ќе се применуваат до 30 април 2020 година” се менуваат и гласат: “ќе важи до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија”.
На својата 26 седница Владата донесе Уредба со законска сила за измена на Законот за облигационите односи.
Донесувањето на оваа уредба е со цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот економски сектор, како и на граѓаните во државата во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти, а како последица на пандемијата КОВИД-19 и во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата, што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.
Со оваа уредба членот 266-а од ставовите (1), (2) и (6)Законот за облигациони односи се менуваат и гласат:
(1) Стапката на казнената камата се определува на месечно ниво и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Северна Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
(2) Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секој месец, и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).
(6) При пресметката се користи последната референтна стапка утврдена и објавена на веб страницата од Народната банка на Република Северна Македонија.
Повеќе информации можете да најдете на следниот линк: link