WE MAKE: ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО ЗА КОНКУРЕНТНОСТ

Со „WE MAKE” ги совладавме локалните стереотипи кои го кочат женското претприемништво!

Со „WE MAKE” ги совладавме локалните стереотипи кои го кочат женското претприемништво!

Интервју со Роска Гркова Стојанова,

Ко-сопственик на „Физио – М“ – центар за физикална терапија, кинезитерапија и козметика

  1. На почеток накратко да ни се претставитеКако во кратки црти изгледа Вашата животна лична карта?

Родена во Кавадарци, а по потекло од Неготино, со текот на годините Штип станува точка во која се вкрстуваат мојот животен и професионален пат. Со завршено средно медицинско образование, формалната наобразба ја продолжувам на Високата школа при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – смер физиотерапевт, за понатаму да продолжам со Специјализација за акупресура и рефлексологија. Паралелно со образовните процеси, од 2010 до 2018 година стекнувам работно искуство во козметичките салони „Контеса“, „Силуете“ и „Александра“, додека во меѓувреме две години работев и во Рекреативниот центар при УГД.

  1. Претставете ја накратко компанијата со која раководите?

Непосредно пред да зачекорам во третата декада од животот, се почувствував подготвена за пресврт на професионален план. Така, пред неполна година, како Дипл. физиотерапевт Спец. за акупресура и рефлексологија, заедно со деловната партнерка Моника Колевска Димова (Дип. физиотерапевт спец. за кинезитерапија), која е и демонстратор на факултетот за Медицински науки, почнуваме нова професионална приказна насловена како „Физио – М“.

  1. Од кога постои, колку вработени имате, во кој сегмент од бизнисот е Вашата компанија?

Нашата компанија „Физио – М“ Д.О.О постои од март 2018 година. На почеток стартувавме само ние две, како основачи и вработени, но за кратко време, поради зголемениот обем на работа го проширивме тимот за уште едно лице. Имајќи ги предвид теренските показатели, проекциите покажуваат дека годинава би можеле да вработиме уште двајца колеги.

Нашата мала компанија функционира во сегментот здравје и убавина и претставува професионален центар за физикална терапија, кинезитерапија и козметика.

  1. Каде се гледате себеси за 10 години?

Како основач и менаџер на „Физио – М“ во следната деценија се гледам како успешна жена претприемач, која континуирано вложува во личен развој и во напредок на деловниот субјект кој го менаџира.

  1. Како ја гледате вашата компанија во наредните 10 години?

Основањето на „Физио – М“ всушност беше заедничка цел – моја и на мојата партнерка. И тоа како идеја се провлекуваше многу години наназад, со оглед на тоа што двете сме од различни градови, а патот нè доведе токму во Штип. Минатата година на некој начин го крунисавме нашето пријателство и долгогодишната соработка со проект во кој веруваме и вложуваме многу.  Моментално нашиот центар се простира на 60 м² и располага со сите основни апарати за физикална терапија и козметика и приемен капацитет со 4 кревети. Во наредните 10 години сакаме да напредуваме во сферата на физиотерапијата, која полека почнува да зема поголем замав на нашите простори… луѓето едноставно стануваат свесни за благодетите од физикалната терапија. Како компанија, ќе се потрудиме да ги донесеме во Штип најновите модели на апарати за физикална терапија и најновите техники на рехабилитација. Наша долгорочна цел е кревање на квалитативните стандарди кои подразбираат побрза рехабилитација на пациентите.

  1. На кој начин го замислувате развојот на Вашата компанија?

Моменталното темпо на развој на нашиот центар за физикална терапија, за нас како основачи е повеќе од задоволително. Најбитно од сè е што уште на самиот почеток беше препознаен квалитетот и професионалната услуга како во здравствениот, така и во козметичкиот дел. Со оглед на тоа што сега располагаме со основните апарати и средства за рехабилитација, во иднина сакаме да се доекипираме во делот на најсовремената рехабилитациона апаратура. Од друга страна, примената на тие светски стандарди би значела и поскапа терапија, па за и понатаму да нудиме терапија која може да си ја дозволи секој, планираме да го задржиме и постојниот модел на функционирање. Така секој потенцијален клиент/пациент ќе може сам да си избере на кој начин ќе се лекува.

  1. Дали Вашата компанија е конкурентна на пазарот? Дали преземате чекори за развој на Вашата компанија како конкурентна компанија?

Во сегментот директна конкуренција на нашиот центар, се вбројуваат неколку приватни компании со слична/иста дејност. Овде е бањата „Кежовица“ која функционира во склоп на ЈЗУ Клиничка болница Штип. Сепак, засега конкуренцијата ја доживуваме како позитивен сегмент, кој нè држи будни и ни дава потстрек за воведување новини и следење на светските трендови. Она што го сметаме за наша компетитивна предност во моментов, се иновативните техники за брза рехабилитација, како на пример: тригер-поинт третмани, миофасцијална релаксација, зинсегрити техники, флосинг техника итн., Исто така, повремено практикуваме и третмани преку т.н. домашна посета кај пациенти кои како последица на некоја здравствена состојба, имаат потешкотии при движењето. Наша предност е и учеството на тематски работилници и обуки, особено оние кои Здружението на бизнис жени на Македонија ги организира во нашиот град, со оглед на тоа што поради динамичното темпо, најчесто сме спречени да следиме настани подалеку од локалното опкружување.

  1. Во кој дел од современите начини на дејствување на компанија и вие сте вклучени?

Самата можност за споделување искуства помеѓу жени-претприемнички, па и за вмрежување и соработка, претставува современ пристап при негувањето на еден млад бизнис. Понатаму, стручната дообразба каква што нудат обуките во рамки на проектот WE MAKE, како СТЕМ и ИКТ, зелена економија, социјално претприемништво, дополнително ни го прошируваат видикот и нè поттикнуваат да размислуваме глобално. Ја охрабруваат нашата визија за усовршување на бизнис концептот и напуштање на локалните стереотипи кои најчесто се кочничари на женското претприемништво.

  1. Дали женското претприемништво претставува за вас можност? И на кој начин?

Секако дека гледаме можност во рамки на женското претприемништво. Лично сметам дека ние жените сме движечка сила и дека здружени сили можеме да се избориме за повеќе бенефити. Неслучајно и при формирањето на нашиот центар, здруживме сили ние две, силни и решителни жени за кои секоја препрека претставува предизвик.

  1. Според вас, дали постојат доволно можности за развој на бизнисите? И каде ја гледате вашата можност?

Можности за развој на бизнис постојат, треба само правилно да се проценат и искористат. Ниту мене, ниту на мојата партнерка не ни е било воопшто лесно да се снајдеме овде во Штип, но со упорност, желба и силно и цврста верба во себе успеавме. Но, во никој случај не смееме да застанеме овде. Одиме понатаму, со амбициозен бизнис план, но најважно од сè, со меѓусебно почитување и искреност, со добра комуникација со луѓето, со професионалност, истрајност и несебичност во борбата за подобро општество.

  1. Дали сте членка на некое здружение за јакнење на капацитетите за развој на женско претприемништво?

Во моментов не сум формален член на вакво тело, но се пронаоѓам во концептуалната матрица на Здружението на бизнис жени на Македонија.

  1. Дали ги користите бенефитите од вмрежување?

Како млад бизнис, сè уште сме насочени кон доразвивање на нашата основна дејност. Со разгранувањето во делот на нашите деловни функции, благодетите на вмрежувањето би ни овозможиле да ѕирнеме надвор од границите на нашето делување.

  1. Освен во бизнисот, кои се Вашите други јаки страни и таленти?

Како некој кој се одлучил да основа и да води компанија, се сметам себе си за човек со високо ниво на самодоверба, но и многу доверба во луѓето кои ме опкружуваат. За мене комуникацијата и добриот глас секогаш се на прво место. Пациентите велат, знам да го препознаам проблемот и да им влеам доверба, што во нашата работа и те како е потребна. Сакам да помагам, да практикувам, но и да ширам хуманост, љубезност и позитивен поглед на нештата. Голема предност во случајов е што со деловната партнерка ги делиме истите вредности и вредносни оцени.

  1. Кои се најголемите адути за развој на претприемништво во РМ и што би направиле Вие доколку сте на чело на истата?

За развој на претприемаштвото треба цел и желба, соединувањето на силите на повеќе луѓе или повеќе компании, меѓусебно помагање, разменување на информации, усмерување на новите и мали претпријатија, помагање од страна на поголеми компании и некој облик на менторирање.

  1. Ваша дефиниција на поимот менаџер?

Лице кое води грижа за сè, кое ќе застане на чело на компанијата а притоа ќе работи исто и како вработениот.

Проектот е имплементиран од:
Оваа платформа e изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржините се одговорност единствено на проектните имплементатори GTF-ISG и Здружението на бизнис жени и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
Designed & Developed by ThemeXpert